Подготвеност и дејство при катастрофи
ВОВЕД
Активности на планот на подготвеност и дејствување при катастрофи бележиме уште од формирањето на Црвен крст на Северна Македонија во 1945 година.
Вистинските активности на ова поле започнуваат со осамостоувањето на Република Северна Македонија, поточно од 1993 година кога Германскиот Црвен Крст донираше материјално технички средства за формирање и обука на Републичката единица за одговор при катастрофи.
Потребата за развој на ваква програма дојде како резултат на војната на просторите на бивша Југославија со појавата на бран на бегалци, најпрво од Босна и Херцеговина во 1995 година (55.000 бегалци), па Косовската криза во 1999 година (350.000 бегалци) и воените судири во Република Северна Македонија во 2001 година со околу 100.000 внатрешно раселени лица.
За сето ова време редовна појава беа помали земјотреси, поплави, пожари, завеани села, лавини, сообраќајни несреќи и др., во кој активно беа вклучени вработени и волонтери на Црвениот крст на Република Северна Македонија.
ВИЗИЈА
Подготвеност за дејствување во катастрофи, со цел да се ублажат последиците кај ранливото население од: земјотреси, поплави, пожари, лизгање на земјишта, лавини, техничко-технолошки хаварии, воени конфликти и др.
МИСИЈА
Обезбедување помош и услуги за ранливото население погодено од катастрофа, следејки ги принципите на движењето на Црвен крст, Законот за Црвен крст на РСМ, Договори со Центарот за управување со кризи на РСМ, Дирекција за заштита и спасување на РСМ и Локалната самоуправа.
ОРГАНИЗАЦИОНА ПОСТАВЕНОСТ
Програмот за подготвеност и дејствување при катастрофи при Црвен крст на РСМ е поврзан со сите општински организации на Црвен крст и Црвен крст на град Скопје и во случај на катастрофи има координативна улога.
Во склоп на одделот постои Оперативен центар со кој раководи Генералниот секретар на ЦКРСМ и преку него ги координира сите активности на општинско и републичко ниво и активностите на единиците за одговор при катастрофи.
Оперативниот Центар на ЦКРСМ е поврзан со Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи кои како државни институции делуваат во случај на катастрофи.
Одделот соработува со Национални друштва и НВО во регионот и пошироко, со Регионалната делегација на Црвен крст и Црвена полумесечина со седиште во Будимпешта и со делегацијата на Меѓународен Комитет во Скопје.
ЗАДАЧИ И НАДЛЕЖНОСТИ
Задачи
Задачите на одделот за подготвеност и дејствување при катастрофи се регулирани со член 19 од Законот за Црвен крст на РСМ и правилници донесени од Раководниот одбор на ЦКРСМ и тоа:
- Правилник за работа на комисијата за ПДК;
- Правилник за работа и надлежност на Оперативниот центар;
- Правилник за формирање, функционирање улога и активирање на ЕОК;
- Правилници за организирање курсеви за безбедност на вода и планина;
- Правилник за униформа на членови на ЕОК.
Надлежности на одделот
- организирано собирање на помош во случај на катастрофи;
- дистрибуција на хуманитарна помош;
- организирање на единици за одговор при катастрофи и упатување на меѓународни мисии;
- едукација на неселението за самозаштита и заштита во случај на катастрофа;
- соработка со државни органи и НВО во земјата и странство;
- проценка на загрозеност на територијата на државата;
- изготвува АПЕЛ за хуманитарна помош;
- мониторинг на терен;
- одржување на дата-базата за можни ризици и капацитети ;
- организација на семинари, курсеви, тренинзи и вежби од областа на катастрофите на ниво на РМ;
- изготвување на планови за дејствување во случај на катастрофи;
- менаџирање со кампови;
ДОСЕГАШНИ АКТИВНОСТИ
- регулатива за односите помеѓу Црвен крст на РСМ и Општински организации на Црвен крст;
- регулатива за односите помеѓу Националната единица за одговор при катастрофи и Општинските единици за одговор при катастрофи;
- програма за привлекување и едукација на волонтери за програмата за подготвеност и дејствување при катастрофи;
- тренинзи во земјата и странство за вработените и волонтерите;
- изготвување на дата-база за потенцијални ризици во РСМ и капацитети на ЦКРСМ за одговор при катастрофи;
- учество на вработени и волонтери во хуманитарни мисии во земјата и странство;
- иницијатива за измена и дополнување на Законот на Црвен крст на РСМ и други законски и подзаконски акти на други државни институции;
- издавање на публикации од областа на катастрофите;
- медиумска покриеност на активностите поврзани со програмата за катастрофи;
- едукација на вработените во Единиците на локална самоуправа;
- формирање на Единици за одговор при катастрофи, нивно тренирање и опремување
- со материјално-технички средства;
- изработка на годишни планови за активности.
ПОСТИГНАТИ РЕЗУЛТАТИ
- подобрена комуникација и координација со државни институции и единици на локална самоуправа;
- партиципација на Црвен крст на РСМ во Главните Штабови на Центарот за управување со кризи, и Дирекцијата за заштита и спасување, а Секретарите на Општинските организации на Црвен крст во Регионалните Штабови на овие институции во Уредбите на Владата, добиени посебни задачи за Црвен крст на РСМ;
- извршено подмладување, доопремување со материјално-технички средства на Националната единица за одговор при катастрофи;
- заеднички вежби на Националната единица за одговор при катастрофи и Општински единици на Црвен крст, со припадници на Армијата, Полицијата, против пожарни единици и здравствени установи;
- издавање на прирачници, флаери (земјотрес, птичји грип, правила за капачи, планинска спасителна станица Водно, опасност од мини, заштита од високи температури и др), брошури, постери во кои се третира проблематиката во областа на катастрофите;
- презентирање и надградба на дата-базата;
- учество на вработени и волонтери на хуманитарни мисии во странство (Индонезија, Турција, Романија, Бугарија, Пакистан);
- запознавање на јавноста со активностите на Црвен крст, преку јавни настапи во средствата за јавно информирање и вежбовни активности.
- Изграден е систем за следење и ажурирање на податоци за ризици и ранливост на заедници. (Глобал мапер)











































